Каматите ќе паѓаат бидејќи надолу ги влече ниската референтна камата на НБМ, најавуваат банкарите. Кредитирањето во август се зголемило за 7,1 отсто споредено со истиот месец лани. Мртвилото што во кредитирањето завладеа од минатата година, дел од банките се обидуваат да го пробијат со нови кредитни линии. Охридска и Уни банка неделава излегоа со нови понуди за кредити. Најави за пониски камати доаѓаат и од поголемите банки. Причина за намалување на каматните стапки е ниската референтна камата на Народната банка на Македонија. Каматите ќе паѓаат. Процесот на поевтинување на банкарските заеми почна и во наредните месеци може само да очекуваме тој да се интензивира. Цената на благајничките записи е основата врз која ја одредуваме висината на каматите на депозитите. Кога паѓаат благајничките, поевтинуваат и депозитите, односно капиталот од кој потоа ги финансираме граѓаните и фирмите.
Каматите ќе паѓаат бидејќи надолу ги влече ниската референтна камата на НБМ, најавуваат банкарите.
Кредитирањето во август се зголемило за 7,1 отсто споредено со истиот месец лани.
Мртвилото што во кредитирањето завладеа од минатата година, дел од банките се обидуваат да го пробијат со нови кредитни линии. Охридска и Уни банка неделава излегоа со нови понуди за кредити. Најави за пониски камати доаѓаат и од поголемите банки. Причина за намалување на каматните стапки е ниската референтна камата на Народната банка на Македонија.
- Каматите ќе паѓаат. Процесот на поевтинување на банкарските заеми почна и во наредните месеци може само да очекуваме тој да се интензивира. Цената на благајничките записи е основата врз која ја одредуваме висината на каматите на депозитите. Кога паѓаат благајничките, поевтинуваат и депозитите, односно капиталот од кој потоа ги финансираме граѓаните и фирмите. Потоа, правилата во банкарството налагаат да поевтинува и цената на парите што им ги позајмуваме на граѓаните и на фирмите. Граѓаните би сакале побрзо да се намалуваат каматите, но објективно во економијата се' уште постојат многу ризици што ги блокираат банкарите за похрабри чекори. Сепак, кредитната блокада е пробиена. Во последните месеци кредитирањето почна да расте - вели првиот човек на Тутунска банка, Ѓорѓи Јанчевски.
Еден банкар неодамна на јавна дискусија вака ја илустрираше состојбата со кредитирањето: не можеме да видиме граѓанин на шалтерите, а не пак кредитно барање.
Според Јанчевски, денес работите се подобри, иако се далеку од приликите пред кризата. Годишниот раст на кредитирањето во првите осум месеци во НЛБ Тутунска е 5 отсто, а повеќе им се одобруваат кредити на граѓаните отколку на компаниите, велат во банката.
- Заемите за населението до септември порасна за 9 отсто, а за фирмите 6 отсто. Граѓаните најмногу бараат кредити за рефинансирање - вели Јанчевски.
Банкарите се обидуваат да го пробијат каматниот блок со нови понуди.
Четвртата банка по големина, Охридска, од почетокот на неделава понуди нов кредит со девизна клаузула со камата од 8,48 отсто, или пресметано со сите годишни трошоци 9,69 отсто. За граѓаните што со нов заем сакаат да го покријат стариот, Охридска почна да нуди кредит со девизна клаузула и камата од 8,45 отсто. Уни банка неделава го продолжи рокот на издавање заеми до 10.000 евра кои ги дава со камата од 10,5 отсто и рок на отплата до 8 години.
- Кредитните барања од правните и од физичките лица се во постојан пораст особено во последното тримесечје. Моментално најактуелни се барањата за потрошувачки кредити. Тоа е поради значајното намалување на каматната стапка за овој вид кредит која изнесува 10,5 отсто на годишно ниво. Зголемен е и бројот на хипотекарните и станбените кредити, кои се со каматна стапка од 7,9 отсто. Веќе ги намаливме каматите на кредитите и понатаму ќе го следиме трендот на пазарот - вели Коста Митровски, претседател на Управниот одбор на Уни банка.
Од вкупно издадените заеми во оваа банка во првите девет месеци годинава, 60 отсто им се одобрени на фирми.
Според Народната банка на Македонија, кредитирањето во август се зголемило за 7,1 отсто споредено со истиот месец лани. На фирмите им биле одобрени 9,5 отсто повеќе заеми од лани, а на домаќинствата 4,1 отсто.
Од почетокот на годината до септември банките одобриле 154,7 милиони евра, од кои 24,4 милиони евра во август.